Уметничките дела во музејот се од сите делови на Африка, но највеќето се супсахарска Африка. Меѓу претставените земји се Мали, Камерун, Танзанија, ДР Конго, ЈАР, Гана и Мароко. Најголемиот дел од експонатите се скулптури, маски, мебел, и музички инструменти од дрво.
Националниот музеј на Индијанецот е музеј под раководство на Смитсоновата установа посветен на животот, јазиците, книжевноста, историјата и уметноста на Индијанците. Збирките опфаќаат над 800.000 предмети и архив од 125.000 фотографии.
Во галеријата „Артур М. Секлер“ често се одржуваат меѓународни изложби на разни тематики од азиската уметност.
Во Фрировата галерија се сместени уметнички дела од Средоземјето, источна, јужна и југоисточна Азија, исламскиот свет, древниот Близок Исток, стариот Египет, но и дела од американски автори. Инвентарот брои 25.518 експонати што опфаќаат период од 6000 години, вклучувајќи староегипетски камени скулптури и дрвени предмети, грнчарија и метални предмети од древниот Близок Исток, кинески слики и керамика, корејска грнчарија и порцелан, јапонски паравани, персиски ракописи и будистички скулптури.
Рениковата галерија е огранок на Смитсоновиот музеј на американската уметност што изложува ракотворби и украсни дела од XIX и XX век. Зградата на музејот е прогласена за национална историска знаменитост и е сместена на авенијата „Пенсилванија“.
Музејот на Анакостија во склоп на Смитсоновата установа е музеј на вашингтонската населба Анакостија и ја обработува историјата и културата на американските црнци.
Националниот поштенски музеј е основан во 1993 по договор на Поштенската служба на САД и Смитсоновата установа. Сместен е спроти железничката станица „Јунион“, која е зградата на поранешната главна пошта на Вашингтон (1914-1986). Музејот има бројни надгледни средства и прикази од историјата на поштенската служба и поштите ширум светот. Изложена е и огромна збирка на поштенски марки.
Смитсоновата национална зоолошка градина е дел од Смитсоновата установа и една од најстарите зоолошки градини во САД. Влезот е бесплатен. Зоолошката градина е сместена во два парка: едниот е 66-хектарски урбан парк во северозападниот дел на Вашингтон. Другиот е 1300-хектарски парк на Смитсоновиот институт за заштитна биологија (SCBI) во Фронт Ројал (Вирџинија). Во парковите се сместени вкупно 2000 животни од 400 различни видови.