За време на првите европски доселувања во XVII век, подрачјето околу реката Анакостија живееле Накочтанците, кои биле алгонкински народ. Меѓутоа веќе во раниот XVIII век, домородното население заминало од оваа област. Во 1751 управата на покраината Мериленд основала населено место кај Џорџтаун на северниот брег на реката Потомак. 40 години подоцна ова место прераснало во успешен пристанишен град и влегол во состав на новосоздадената федерална територија. На подрачјето на денешниот округ во 1749 бил основан и градот Александрија, кој од таа причина подоцна влегол во состав на оваа единица.
Во јануарското издание на списанието „„Федералист“ Бр. 43“, Џејмс Медисон го изложил мислењето дека има потреба од нов главен град што ќе биде засебен од сојузните држави, со своја независна управа и безбедност. По пет години, на седница во Филаделфија, Конгресот го запоседнала толпа разлутени војници, но пенсилваниската управа одбила да ја ангажира својата редарска војска за да ги растера протестите. Овој настан, познат како Пенсилваниски бунт од 1783, ја поттикнал федералната влада да ја земе сопствената безбедност во свои раце и да не зависи од поединечните сојузни држави.
Така, Член 1, Оддел 8 од Уставот на САД го ополномоштува Конгресот да формира „округ (не поголем од десет квадратни милји) со одземање на делови од сојузните држави и согласност од Конгресот, за да биде седиште на владата на Соединетите Држави“. Во уставот не е напишано каде да биде новиот главен град. Медисон, Александар Хамилтон и Томас Џеферсон се договориле федералната влада да го преземе воениот долг на сојузните држави, под услов главниот град да биде сместен на југот на САД. Оваа спогодба подоцна го добила името „Компромис од 1790“.
На 16 јули 1790, Конгресот го донел Законот за постојан престој, со кој се одобрува создавањето на нов главен град на брегот на реката Потомак, а точното место го определил претседателот Џорџ Вашингтон. Првичниот облик на федералниот округ бил квадрат со страна од 10 милји (16 км), што значи со површина од 100 квадратни милји (260 км2) отстапени од сојузните држави Мериленд и Вирџинија. Во текот на 1791–92, Андрју Еликот и неколку негови помошници, вклучувајќи го Бенџамин Бенекер, ги измерил границите на округот и поставил меѓи од камен на секоја милја. Многу од овие камења стојат на истото место и денес.
Потоа бил изграден нов „федерален град“ на северниот брег на реката Потомак, источно од постоечкото место Џорџтаун. На 9 септември 1791 градот бил наречен во чест на Џорџ Вашингтон, а самиот округ го добил името „Колумбија“, тогашен поетски назив за САД. Конгресот ја одржал првата седница во новиот град на 17 ноември 1800.
Накратко по доаѓањето во новиот град, Конгресот го донел Органскиот закон од 1801, со кој округот се организира, а целото подрачје, вклучувајќи ги градовите Вашингтон, Џорџтаун и Александрија, било ставено под исклучива управа на фердералната влада. Територијата била поделена во две грофовии: Вашингтон источно од Потомак и Александрија на запад од реката. Со донесувањето на овој закон, граѓаните на округот престанале да бидат жители на Мериленд и Вирџинија, а со тоа повеќе не биле застапени во Конгресот.
Во 1830-тите, грофовијата Александрија доживеала економски пад, делумно поради негрижа на Конгресот. Александрија била голем пазар во трговијата со робови, но во Конгресот почнале да се шират гласини дека аболиционистите сакаат да го укинат ропството во округот. Таквиот закон драстично ќе го влошела стопанството во Александрија, кое зависело од робови. Во 1840, жителите на Александрија собрале потписи за да се вратат во Вирџинија. Така, на 9 јули 1846, Конгресот се согласил територијата јужно од реката да ја врати во состав на Вирџинија.
Стравувањата на жителите на Александрија се оствариле во 1850, кога управата ја укинала трговијата со робови во округот (но не и самото ропство). Веќе во 1860, околу 80% од вкупно 11.000 Црнци во градот биле слободни. По започнувањето на Американската граѓанска војна во 1861, округот доживеал голем раст на населението поради проширувањето на федералната влада, но и поради прилив од ослободени робови.
Граѓанската војна и првата локална управа
Во 1862 претседателот Абрахам Линколн го потпишал Законот за ослободување со надомест, со кој го укинал ропството во округот Колумбија и со тоа ослободил 3.100 робови, девет месеци пред Прогласот за ослободување. Во 1868, Конгресот на сите машки Црнци им го дал правото на гласаат во локалните избори. До 1870, бројот на населението во округот се зголемил за 75%, и сега населението броело 132.000 жители.
И покрај порастот на населението, градот сè уште имал земјени улици и немал основни санитарни услови. Состојбата била толку лоша што некои конгресмени предложиле главниот град да се помести на запад, но претседателот Јулисис С. Грант го одбил таквиот предлог.
Како решение за лошите услови во главниот град, Конгресот го усвоил Органскиот закон од 1871, со кој ги укинале градските управи на Вашингтон и Џорџтаун и создале заедничка управа на округот Колумбија. Со ова округот добил гувернет, локално избрано собрание, и одбор за јавни работи со задолжение да го осовремени градот. Со ова градот станал една општина.
Во 1873, претседателот Грант го назначил влијателниот член на одборот Александар Роби Шеперд за гувернер. Шеперд започнал повеќе крупни проекти со кој во голема мера го осовременил Вашингтон. Меѓутоа, гувернерот за проектите потрошил три пати повеќе пари од предвиденото, и со тоа го однел градот во банкрот. Во 1874, Конгресот ја укинал локалната самоуправа на округот и го ставил под директна управа која траела речиси цел век.
XX век
Населението во округот останало на исто рамниште сè до Големата депресија во 1930-тите, кога претседателот Френклин Рузвелт ја зголемил бирократијата во Вашингтон со низата економски програми наречена „Новиот курс“ (New Deal). Управните активности уште повеќе се зголемиле во текот на Втората светска војна, зголемувајќи го бројот на федерални службеници. Во 1950, бројот на населението го достигнал својот врв со 802.178 жители. Во 1961 е ратификуван XXIII амандман на уставот, доделувајќи му на округот три гласа во Изборниот колегиум за избирање на претседател на државата и неговиот заменик, но без застапиштво во Конгресот.
По атентатот врз општественикот Мартин Лутер Кинг на 4 април 1968, во округот избил голем бунт. Немирите траеле три дена, а со нив се справувала федерална и локална гарда од 13.000 војници. Во бунтот изгореле многу продавници и други објекти. Обновата завршила дури во 1990-тите години.
На 11 септември 2001, терористи зазеле авион и го урнале во военоуправната зграда „Пентагон“ во блиското место Арлингтон. Другиот авион што исто така требал да уди во Вашингтон се урнал во Пенсилванија додека патниците се бореле со терористите за да воспостават контрола врз леталото.